Колку трае психолошкото закрепнување
10-мај-2025 во 16:55Колку долго трае психолошкото закрепнување?
Одговорот на ова прашање е многу комплексен. Истовремено, нема точен одговор, психолошкото закрепнување е индивидуално и се разликува од човек до човек.
Кога станува збор за траума, и покрај тоа што сите ја преживуваме на свој начин, најзасегнати се оние кои се или биле дел од трауматичното искуство (и/или оние кои загубиле близок член од семејството, роднина или пријател). За сите, а особено за вторите, еден разговор (или една сесија) со стручно лице нема да биде доволен. Во вакви ситуации, треба да ни биде јасно дека и телото и умот се поврзани и ќе биде потребно време и грижа за психофизичко исцелување и закрепнување.
Од физички аспект, на телото може да му требаат месеци да закрепне, додека од психички, во одредени случаи месеци, а во одредени случаи години. Затоа, кога станува збор за ова прашање, потребна е трпеливост и со себе, а и со луѓето кои биле преживеале траума.
Дури и за краткорочен стресен настан понекогаш се потребни неколку месеци за закрепнување, додека трауматичен настан кој остава длабоки психофизички последици може да влијае на поединецот со години и затоа неопходен е соодветен третман за решавање. Иако советувањето и терапијата, можат да го забрзаат емоционалното заздравување, длабокото закрепнување никогаш не е моментално, на терапијата и треба време за делување.
Сакам да посочам дека, ако во овие моменти пробувате одредени стратегии за самопомош или сл., или сте влегле во советувачки/терапевтски процес, а не чувствувате моментално олеснување, тоа не значи дека терапијата не функционира. Иако во моменти на траума можеби се безполезни споредби, сепак ќе си дозволам да споредам дека како што не очекуваме совладување на некоја вештина преку ноќ, така не очекуваме да станеме резилиентни или психички да закрепнеме одма, тоа е постепен процес, а во него, важно е и да си дадеме време за тагување.