За кого е наменето психолошкото советување?

Психолошкото советување може да биде корисно ако се соочувате со:

Каква е улогата на психологот во третирањето на високи нивоа на стрес?

Психологот им помага на поединците да ги разберат изворите на стресот и неговото влијание врз телото, емоциите и однесувањетo. Заедно со клиентите работи на идентификување на обрасци кои што влијаат врз зголемување на нивоата на стрес и ги води кон креирање на поздрави одговори. Ова може да вклучува учење на техники за релаксација, вештини за организација на времето и начини за менување на негативните обрасци на размислување. Обезбедува простор каде што преоптоварените поединци можат да успорат, да размислат, да си дадат дозвола да одморат итн.

Кој може да помогне во намалувањето на симптомите поврзани со стрес?

Професионалци за ментално здравје кои се обучени да помогнат со стресот и неговите ефекти. Доколку се присутни физички симптоми како главоболки, замор или дигестивни проблеми, може да биде корисна и консултација со лекар.

Кој е најчестиот третман за високи нивоа на стрес?

Покрај препораките и алтернативните практики за физичка активност, промени во секојдневните навики, јога, медитација итн., се препорачува и психолошко советување или психотерапија кои се фокусираат на препознавање на иницијалните каписли/предизвикувачите (анг. triggers) на стресот и градење на поздрави одговори. Во некои случаи, поддршката од медицински професионалци може да го надополни терапевтскиот процес.

Дали стресот успешно се третира со терапија?

Да, стресот многу лесно се третира со терапија. Поединците учат да ги препознаат раните знаци на прегорување, да го намалат физичкиот стрес и да стекнат вештини за подобро справување со животните предизвици. Со време и постојана поддршка, терапијата носи до поголема смиреност, рамнотежа и психолошка отпорност (резилиентност).

Каква е улогата на психологот во третирањето на анксиозноста?

Психолозите се обучени да им помогнат на поединците да се справат со стравовите и стресорите што ги доживуваат во животот, помагајќи им да ги изменат реакциите на нив. Постојат повеќе начини преку кои може да се постигне ова, вклучувајќи го и водењето на поединците низ преиспитување на нивните негативни верувања.

Кој може да дијагностицира анксиозност?

Во дијагностицирањето на анксиозноста можат да бидат вклучени лиценцирани психолози и специјалисти по психијатрија.

Кој е најчестиот третман за анксиозноста?

Постојат повеќе начини за третман на анксиозноста. Најчестиот третман за анксиозност е т.н. разговорната терапија, односно психолошкото советување или психотерапијата (различни правци на терапија), иако постојат и други опции, во зависност од ситуацијата. Во некои случаи, може да се препише фармакотерапија од страна на психијатар. Во сите случаи, одржувањето на здрави животни навики, како вежбањето, редовниот и квалитетен сон и др., можат да помогнат во успешниот третман.

Дали анксиозноста успешно се третира со терапија?

Анксиозноста е една од најчестите причини зошто луѓето одат на терапија и успешно се третира. Третманот може да има многу форми, како што веќе беше споменато, вклучувајќи разговорна терапија, промени во животниот стил и лекови. Клиентите често учат вештини за справување со анксиозноста, за менување на обрасците на размислување и совладување на специфични стравови и учат како да се смират кога доживуваат физичка непријатност.

Каква е улогата на психологот во третирањето на паничните напади?

Психологот работи со лица кои доживуваат панични напади помагајќи им да ја разберат природата на овие интензивни епизоди и да ја намалат нивната фреквенција и влијание. Третманот често вклучува психолошка едукација за физиолошките симптоми на паника, идентификување на иницијалните каписли/предизвикувачите (анг. triggers) и помагање на поединецот да ги преформулира катастрофалните мисли. Во текот на работата, клиентите се водени низ техники како контролирано дишење, вежби за заземјување и постепено изложување на ситуации што предизвикуваат страв, со цел полесно надминување.

Кој може да дијагностицира панично растројство?

Во дијагностицирањето на паничното растројство можат да бидат вклучени лиценцирани психолози и специјалисти по психијатрија.

Кој е најчестиот третман за паничните напади?

Најчестиот третман за паничните напади е комбинација од разговорна терапија, когнитивно-бихевјиорална терапија и експозициска терапија (создадена безбедна средина со цел клиентот да се изложи на стравовите кои може да бидат работи, ситуации и/или активности). Во некои случаи, може да се препише фармакотерапија од страна на психијатар со цел полесно управување со симптомите. Промените во животниот стил се исто така корисни.

Дали паничните напади успешно се третираат со терапија?

Да, благодарение на терапијата поединците учат да го разберат и да го управуваат циклусот на страв што ги поттикнува паничните напади. Со вистинска поддршка, поединците често доживуваат значително намалување на симптомите и го враќаат чувството на контрола во нивните животи.

Каква е улогата на психологот во третирањето на депресијата?

Психологот им помага на поединците да ја разберат својата депресија, да идентификуваат што ја предизвикува и да научат начини за справување со неа. Тие нудат емоционална поддршка и користат техники засновани на докази.

Кој може да дијагностицира депресија?

Во дијагностицирањето на депресијата можат да бидат вклучени лиценцирани психолози и специјалисти по психијатрија. Важно е да се пронајде стручно лице со кое поединецот ќе се чувствува удобно и ќе воспостави добар однос.

Како терапијата помага и кој е најчестиот третман за депресија?

Истражувањата сугерираат дека терапијата е ефикасна за депресија, а во нејзиното третирање најчесто се користи интегративен пристап, односно, комбинација на техники од повеќе правци. Когнитивно-бихејвиоралната терапија се фокусира на искривените начини на размислување кои предизвикуваат чувства на безнадежност и очај. Им помага на клиентите да испробаат нови однесувања и да ја ограничат реактивноста на вознемирувачки ситуации. Интерперсоналната терапија се насочува кон социјалното функционирање и тешкотиите произлезени од него (значајни причини за појава на депресија). Понатаму, бихејвиоралната активација директно се спротивставува на моделите на избегнување што ја карактеризираат депресијата, како губење на интерес и повлекување од активностите што некогаш биле уживање. Психодинамската терапија се користи за да им помогне на клиентите да добијат подлабок увид во себе и во ситуациите што ги преоптоваруваат.

Дали депресијата успешно се третира со терапија?

Да. Третирањето на депресијата им помага на луѓето да ги управуваат и да ги намалат симптомите како што се длабока и непопустлива тага, недостаток на мотивација, постојано негативно размислување, ниска енергија, проблеми со спиењето и многу други. Третманот помага во промена на бескорисните обрасци (негативни и повторувачки) на размислување, ја намалува реактивноста на стрес, им помага на луѓето да функционираат, да решаваат проблеми, да го вратат чувството на надеж и обезбедува безбеден и поддржувачки однос, кој сам по себе има терапевтски ефекти.

Која е улогата на психологот во третманот на опсесивно-компулсивно растројство?

Во третманот на опсесивно-компулсивното нарушување психолозите се фокусираат да им помогнат на клиентите да ја препознаат ирационалната природа на нивните опсесии и постепено да ја зголемат толеранцијата за анксиозноста што ја создаваат, без прибегнување кон компулсии. Не се очекува третманот целосно да ја неутрализира анксиозноста, туку со упорност и емпатија им се помага на клиентите да ја прифатат својата анксиозност, да изградат доверба во нивната способност за управување со неа и да ги идентификуваат вештините за справување што можат да им помогнат при повторно појавување на анксиозни мисли или однесувања.

Кој може да дијагностицира опсесивно-компулсивно растројство?

Во дијагностицирањето на опсесивно-компулсивно растројство се вклучени лиценцирани психолози и специјалисти по психијатрија. Докторите од примарната здравствена заштита или матичните лекари исто така можат да ги проценат симптомите кои укажуваат на опсесивно-компулсивно растројство и можат да постават дијагноза, но обично пациентите ги упатуваат кај професионалец за ментално здравје за понатамошна евалуација и третман.

Кој е најчестиот третман за опсесивно-компулсивно растројство?

Во зависност од сериозноста на состојбата, често е потребен долгорочен, континуиран или поинтензивен третман. Психолошкиот третман, често се комбинира со фармакотерапија исклучиво препишана од страна на психијатар. Честопати, комбинацијата е најефикасна. За време на психолошкиот третман, клиентот постепено се изложува на мисли или ситуации кои предизвикуваат анксиозност без прибегнување кон соодветна компулсивност; на пример, од некој што се бори со стравови поврзани со бактерии може да се побара да допира сè повалкани предмети без потоа да ги измие рацете. Со текот на времето, клиентот ќе научи дека анксиозноста може да се толерира без да се вклучи компулсивно однесување како непрекинато миење на раце и сл. Терапијата бара напор и вежбање, но цената е повисок квалитет на животот после изучувањето да се управува со опсесиите и компулсиите.

Дали е возможно целосно надминување на опсесивно-компулсивното растројство?

Терапевтските пристапи можат драматично да ги намалат симптомите. Некои од симптомите се елиминираат целосно, а други се намалуваат што овозможува полесно и поквалитетно животно функционирање. Како и кај многу нарушувања, опсесивно-компулсивното нарушување веројатно нема целосно да исчезне, но терапијата може да придонесе за значително олеснување кај многумина кои се борат со состојбата.

Во што може да помогне третманот за нарушувања во исхраната?

Нарушувањата во исхраната како што се анорексија нервоза, булимија нервоза и прејадување се сложени состојби под влијание на многу фактори, а третманите се разновидни. Додека медицинските и нутритивните програми претставуваат прва линија на третман за враќање на здрава телесна тежина, психолошкиот третман е насочен кон когнитивните и бихејвиоралните нарушувања кои лежат во основата на нарушувањето во исхраната, како и на промените во расположението што ги придружуваат. . На пример, поединците кои се соочуваат со нарушувања во исхраната може да имаат лоша слика за телото, ниска самодоверба и високо истакнат перфекционизам, па им се помага во решавањето на ваквите психолошки проблеми и во осмислувањето на стратегии за одржување на здрава телесна тежина.

Како се третираат нарушувањата во исхраната?

Психолозите и психотерапевтите можат да се повикаат на повеќе пристапи, генерално работејќи со погрешните верувања, искривените самоперцепции и нарушеното расположение. Насоката е кон развивање на стратегии за однесување кои ќе помогнат да се воспостави и одржи здрава телесна тежина. Поради централната улога што ја игра семејната динамика кај нарушувањата во исхраната, може да се препорача и семејна или групна терапија, односно вклучување на членовите од потесното семејство во третманот, за да се ублажи изолацијата на оној кој се соочува со проблемот и да се поттикне семејството да го поддржи закрепнувањето.

Кој е квалификуван за третирање на нарушувања во исхраната?

Оптималниот третман за нарушувања во исхраната генерално вклучува тимска работа: континуирано медицинско следење, кое може да вклучува психијатар; диететичар, нутриционист, психолог или психотерапевт. Психотерапијата се смета за неопходен елемент на третманот.

Која е улогата на психологот во третирањето на сексуалните дисфункции?

Психолошкиот третман им помага на поединците и на паровите кои имаат сексуални проблеми како што се предвремена или одложена ејакулација, нарушување на сексуалниот интерес и/или возбуда, сексуална аверзија или ниска желба, конфликти околу гледањето порнографија, еректилна дисфункција, тешкотии при постигнување оргазам, болен сексуален однос и сл. Психологот им помага на оние кои доживеале сексуална злоупотреба или траума во минатото, или на паровите кои доживуваат различни нивоа на сексуална желба. Се истражуваат конфликтите во врската, проблемите со комуникацијата и проблемите со интимноста. Психологот работи на евалуација на сексуалната историја на клиентот, динамиката на врската, менталното здравје и начинот на живот. Идентификува дали дисфункцијата има психогени (психолошки и емоционални), органски (биолошки) или мешани причини. Им дава психоедукација на клиентите преку обезбедување точни информации за сексуалното функционирање и нормалниот опсег на сексуални искуства. Преку едукацијата се цели кон намалување на срамот, вината или нереалните очекувања.

Како се третираат сексуалните дисфункции?

Една од главните задачи е да им се помогне на паровите да научат како отворено да ги изразат своите сексуални желби и интереси едни за други. Покрај разговорната терапија, се користат разни стратегии и вежби за развој на интимноста, кои паровите треба да ги практикуваат помеѓу сесиите со стручното лице. Притоа, често се користи интегративен пристап. Третманот е насочен кон промена на негативните уверувања, намалување на анксиозноста, зголемување на свеста за телото, подобрување на емоционалната врска меѓу партнерите итн. Се советува и индивидуално и партнерско советување, опфаќајќи ги и индивидуалните проблеми покрај партнерските. Во работата со парови се работи на подобрување на комуникацијата за сексуалните потреби и граници, унапредување на емоционалната и физичката интимност, како и разрешување на конфликти што можат да влијаат врз сексуалната функција.

Кој е квалификуван за работа со сексуални дисфункции?

Квалификувани за работа со сексуални дисфункции се професионалци од областа на менталното здравје како психолози, советници, психотерапевти, психијатри, како и медицински лица како уролози и сексолози.

Која е улогата на психологот во третирањето на тагата и загубата?

Психолозите имаат за цел да им помогнат на клиентите: да ја прифатат реалноста за загубата, да ја искажат болката и придружните емоции предизвикани од болката, да го вратат чувството на поврзаност со себе и со другите, да се прилагодат на „новата нормалност“ - животот без загубената личност, како и да ја одржат врската со саканата личност што ја изгубиле (во случај на смрт), додека се пронаоѓаат начини за продолжување со животот.

Како се третираат проблемите со тагување?

Тагата може ефикасно да се третира со многу различни пристапи. Тие вклучуваат, психолошко советување, психотерапија, когнитивно-бихејвиорална терапија, симболдрама и арт терапија, кои го охрабруваат клиентот да ја изрази својата тага преку уметност за да ја процесира итн. Клиентите се советуваат да водат дневник, да ги преформулираат своите негативни мисли или когнитивни нарушувања поврзани со нивната тага и сл. Техниките што се користат ги насочуваат клиентите да зборуваат за загубата (која била таа личност за нив (и/или околностите околу смртта), да зборуваат и да ги опишат своите емоции, заеднички со психологот да изградат стратегии за справување со тешки денови како празници, годишнини или родендени, да прифатат дека тагата е нормален процес, да идентификуваат нездрави однесувања што можат да бидат штетни за секојдневниот живот, да изградат нови односи и да развиваат нов идентитет.

Може ли целосно да се надмине тагата?

Психолошкиот третман е непроценлива алатка за да му се помогне некому да ја процесира загубата што ја доживеал и да се справи со предизвикувачките чувства, вклучувајќи тага, осаменост, лутина, олеснување, негирање и вина. Нечија тага можеби нема да се „излечи“ целосно, а болката од многу големи загуби ќе трае во некоја форма дури и откако ќе се смири болката од акутната тага. Ова е нормално, без оглед на тоа дали некој се справува со својата тага сам или е во терапевтски процес.

Која е улогата на психологот во помагањето при решавање на тешкотиите во врските?

Психолозите им помагаат на поединците да ги разберат повторливите шеми и обрасци во врските, да ја подобрат комуникацијата, емоционалното изразување, асертивноста, воспоставувањето на граници и многу други. Без разлика дали тешкотиите се со партнер/ка, член на семејството или пријател/ка, терапијата помага да се идентификуваат нерешените проблеми, да се истражат личните потреби и очекувањата во врските.

Што да се очекува?

Во првичната проценка психологот собира информации за врската, грижите кои произлегуваат од неа и целите кои треба да се постигнат. Се разговара за историјата на врската и за индивидуалните предизвици што ги доживува поединецот. Се обезбедува сигурен простор за отворена и искрена комуникација. На сесиите се нуди можност за изразување на чувствата, мислите и грижите без осудување. Често се даваат вежби и домашни задачи со цел да се извежбаат нови комуникациски вештини или стратегии дискутирани на сесиите. На клиентот му се помага да го следи напредокот и да ја оцени ефикасноста на имплементираните стратегии. По потреба се прават прилагодувања.

Кој е најчестиот третман за решавање на проблеми во врската?

Разговорна терапија, особено пристапите како когнитивно-бихејвиорална терапија или емоционално фокусирана терапија, кои им помагаат на луѓето да ја разберат својата улога во динамиката на врските и да развијат поздрави начини за поврзување.

Дали тешкотиите во врската можат да се надминат?

Да, психолошките третмани се трансформативни кога станува збор за подобрување на односите.

Која е улогата на психологот во третманот на прегорувањето (burnout), хроничниот стрес и емоционалната исцрпеност?

Психологот им помага на поединците да ги разберат причините за прегорување кои честопати се резултат на хроничен стрес и ги насочуваат кон закрепнување. Психологот дава психоедукација која вклучува учење за препознавање на знаците на прегорување, за поставување поздрави граници, за отстранување на некорисните верувања и повторно откривање на она што носи смисла и радост во животот.

Кој е најчестиот третман за прегорување, хроничен стрес и емоционална исцрпеност?

Третманот често вклучува разговорна терапија, техники за намалување на стресот и промени во животниот стил. Најчесто се користат КБТ техники, терапија фокусирана на емоции, техники за намалување на стресот, се учат клиентите да се одморат, како да кажат „не“ и да ги преиспитаат приоритетите.

Дали прегорувањето успешно се третира?

Да, психолошкиот третман може значајно да го намали прегорувањето, хроничниот стрес и емоционалната исцрпеност. Со професионално водство, поединците успешно ја враќаат енергијата и мотивацијата и постигнуваат подобрување во својата психолошка добросостојба.

Која е улогата на психологот во третманот на проблемите со фокусот, мотивацијата и донесувањето одлуки?

Психолозите работат со поединците во идентификувањето на она што ја блокира нивната ментална јасност или мотивација, без разлика дали станува збор за стрес, анксиозност, депресија или перфекционизам. Им помагаат да развијат рутини, да ги разјаснат целите и да го намалат внатрешниот отпор кон менување на работите. Понатаму, психолозите се обучени да им помагаат на поединците да го истражат личното значење и влијанието на нивните одлуки врз нивниот поширок меѓучовечки и средински контекст, како и влијанието врз нивното психофизичко здравје или ризикот по здравјето. Психолозите, исто така, се потпираат на нивната обука и експертиза во проценката на менталниот капацитет за донесување одлуки.

Кој е најчестиот третман за решавање на овие проблеми?

Најефикасните терапевтски пристапи за тешкотии со фокусот, мотивацијата и донесувањето одлуки честопати одат подалеку од стратегиите на површинско ниво. Често, за решавање на овие проблеми се користи интегративен пристап, односно, комбинација на техники од повеќе правци. На тој начин, се бараат најкорисните техники кои би му одговарале на секој клиент поединечно, а би му помогнале во справувањето со психолошките механизми што го поттикнуваат избегнувањето, внатрешните конфликти и сл. На пример, техниките од когнитивно-бихејвиоралната терапија се користат бидејќи нудат структурирани алатки за идентификување на бескорисните обрасци на размислување кои ја саботираат мотивацијата или водат до неодлучност. Меѓутоа, кога овие тешкотии се подлабоко вкоренети, можеби поврзани со перфекционизам, страв од неуспех, нерешени емоционални искуства или сомневање во сопствениот идентитет се почнува со обработка и на овие теми. Во многу случаи, третманот вклучува помагање на лицето да ја препознае емоционалната тежина зад одредени избори или задачи. Недостатокот на мотивација или неможноста за фокусирање ретко се должи на мрзеливост или неорганизираност, често станува збор за внатрешен конфликт помеѓу потребите, вредностите или стравовите. Следствено, третманот помага да се разјаснат овие внатрешни динамики, така што поединецот може да дејствува со поголема јасност и намера. Ова вклучува градење на повисок праг на толеранција на непријатност, подобрување на саморегулацијата и сл.

Која е улогата на психологот во помагањето со справување со животните транзиции и големите промени?

Психолозите нудат поддршка и водство во периодите на неизвесност или промена, без разлика дали станува збор за преселба, промена на кариера, болест или станување родител. Тие им помагаат на поединците полесно да ги обработат емоциите, да се справат со стравот од непознатото и да се прилагодат на новите улоги или средини. Животните транзиции можат да бидат преоптоварувачки, особено ако поединецот се чувствува осамено или изолирано, а третманот може да обезбеди добивање на потребната поддршка во моментите на раст и развој.

Кој може да помогне со животните промени?

Секој обучен и искусен стручњак за ментално здравје може да пружи поддршка на лица кои поминуваат низ транзициски период.

Кој е најчестиот третман за животните транзиции?

Стручните лица им помагаат на своите клиенти валидирајќи ги нивните чувства и нудејќи им безбеден простор за истражување на емоциите поврзани со транзицијата и промените. Промените се преоптоварувачки и честопати заради нив, поединците се изолираат. Преку емоционална валидација и безбедна, неосудувачка средина, им се помага на клиентите да ги обработат своите искуства, да ги идентификуваат внатрешните сили и ресурси и да развијат стратегии за справување со анксиозност, страв или депресија. Третманот не е универзален, туку персонализиран, во зависност од природата на транзицијата. Психолозите можат да користат пристапи како што се когнитивно-бихејвиорална терапија за управување со негативното размислување, терапија фокусирана на решенија за сегашните предизвици, наративна терапија за преработка на лични приказни и техники за регулирање на емоциите. Третманот, исто така, вклучува поттикнување на растот и самооткривањето, поставување идни цели и обезбедување долгорочна поддршка.

Дали животните транзиции успешно се надминуваат?

Да, животните транзиции најчесто се претвараат во можности за раст, јасност и нови почетоци.

Која е улогата на психологот во третманот на осаменоста?

Психологот им помага на поединците да ги истражат корените на осаменоста, бидејќи осаменоста често произлегува од подлабоки емоционални или психолошки проблеми, како што се ниска самодоверба, социјална анксиозност, нерешена траума, минати рани или тешкотии во поврзувањето со другите. Психологот може да им помогне на поединците додека поминуваат низ процесот на себеразбирање, обновување на довербата во останатите, развивање социјални вештини и подлабоки односи, како и во идентификувањето и справувањето со причините за појава на осаменоста.

Кој е најчестиот третман за осаменост?

Разговорната терапија, когнитивно-бихејвиорална терапија, шема терапија итн., кои се фокусираат на градење самодоверба, подобрување на односите и сл. Работата во групи е исто така корисна, бидејќи нуди безбеден простор за поврзување со други луѓе. На многу луѓе кои се борат со осаменоста им е тешко да започнат или одржат врски. Психологот може да обезбеди практични стратегии за подобрување на социјалните вештини и градење самодоверба во социјалната средина. Без разлика дали станува збор за вклучување во кратки разговори или справување со отфрлање, овие вештини им помагаат на поединците да се чувствуваат посилни во интеракциите со другите. Третманот на осаменост е исто така насочен кон справување со социјалната анксиозност која често ја придружува осаменоста и придонесува за потешко поврзување со другите. Некои луѓе доживуваат хронична осаменост поради неисполнети емоционални потреби во детството или во претходните животни искуства, па во ваков случај третманот е насочен да им помогне да ги разберат и излечат овие длабоко вкоренети емоционални обрасци, дозволувајќи им да формираат поздрави и побезбедни врски. Психологот може да помогне во истражувањето на начини за проширување на т.н. мрежа за поддршка, без разлика дали преку социјални групи, активности во заедницата или други можности за значајно поврзување. Многу често се постигнуваат успешни резултати кога поединците ќе пронајдат сигурна средина каде што можат да се поврзат со другите и да се чувствуваат пријатно.

КДали осаменоста успешно се третира?

Да, третманот ги води клиентите низ процес во кој постепено преминуваат од изолираност кон поврзаност, преку градење доверба во другите, самодоверба и емоционална отвореност.

Која е улогата на психологот во третманот на ниската самодоверба?

Самодовербата и мислењето што го имаме за себе е тесно поврзано со менталното здравје. Ниската самодоверба се карактеризира со чувства на безвредност, сомнеж во себе и негативен однос со себе си, а резултира со анксиозност, депресија и други проблеми со менталното здравје. Еден од основните начини на кои психологот може да помогне во подобрувањето на самодовербата е преку обезбедување на поддржувачка и неосудувачка средина, односно место каде што луѓето ќе можат да ги истражуваат своите мисли и чувства. Психологот им помага на поединците да ги идентификуваат негативните обрасци на размислување и да ги предизвикаат со попозитивни и реалистични.

Кој е најчестиот третман за ниска самодоверба?

Психодинамскиот пристап, особено може да биде корисен за подобрување на самодовербата. Има за цел да им помогне на поединците да разберат како несвесните мисли и минатите искуства го обликуваат нивното сегашно однесување и емоции. Со истражување на овие основни проблеми, поединците можат да добијат увид во основните причини за нивната ниска самодоверба и да работат на решавањето на проблематиката. Друг начин на кој третманот може да помогне во подобрувањето на самодовербата е преку развивање вештини за справување со своите емоции и со тешки ситуации. Развивањето на овие вештини им помага на поединците да го вратат чувството на контрола, да ги регулираат емоциите и следствено да ја зголемат самодовербата. Многу луѓе со ниска самодоверба чувствуваат дека нивните чувства и искуства не се валидни или важни. Психологот обезбедува безбеден простор каде што поединците се чувствуваат слушнати и разбрани. Валидацијата им помага на поединците да се чувствуваат посигурни во сопствените искуства и емоции.

Дали ниската самодоверба успешно се третира?

Севкупно, терапијата може да игра значајна улога во подобрувањето на самодовербата. Со обезбедување поддржувачка и неосудувачка средина, истражување на основните проблеми, развивање вештини за справување и обезбедување валидација и поддршка, терапијата може да им помогне на поединците да изградат попозитивна слика за себе и да ја зголемат својата самодоверба.

Психолошките третмани често се поврзуваат со лекување на состојби како што се анксиозност, депресија, траума и многу други. Иако ова се критични аспекти во грижата за менталното здравје, придобивките од психологијата се протегаат многу подалеку од решавањето на специфични проблеми. Терапијата може да биде моќна алатка за личен раст и развој, помагајќи им на поединците да го отклучат својот потенцијал и да водат поисполнет живот. Поедноставно кажано, секое стручно лице гледа на личноста како целина, земајќи ги предвид не само нејзините предизвици, туку и нејзините аспирации и соништа. Со други зборови кажано, работата на одредени проблеми, води кон личен раст.

Личниот раст е процес на подобрување на различни аспекти од животот, вклучувајќи ја менталната, емоционалната и духовната благосостојба. Личниот раст вклучува самосвест, самоподобрување и посветеност да се стане најдобрата верзија од себе. Столбовите на личниот раст се зголемена самодоверба, подобрени односи, повисока резилиентност и постигнување на лични цели.

Психолошките третмани помагаат во стекнувањето на подлабоко разбирање за себе, откривање на мисловни обрасци, однесувања и емоции. Зголемувањето на самосвесноста пак, помага да се препознаат областите за подобрување и силните страни. Се учат начини за ефикасно управување со емоциите, за подобрување на комуникациските вештини, за поставување на здрави граници и за решавање на конфликтите. Со справување со проблемите во врските, се овозможува градење на посилни, поподдржувачки односи со другите. Психологот може да помогне да се постават реални и значајни цели, разложувајќи ги поголемите цели на помали чекори. Терапијата нуди поддржувачка средина за истражување на личните аспирации и планови за постигнување на успех. Важен чекор во помагањето на клиентите е да се понуди поддршка во периодот во кој преземаат одговорност за своите животи.

Закажете ја вашата сесија денес

Ве дели само еден клик од закажување на сесија!

Пред да започнете да работите со психолог преку Интернет, проверете дали имате сè од неопходното:

  •  Лаптоп, компјутер или телефон кој има камера и микрофон,
  •  Квалитетна интернет конекција која може да поддржи видео повик,
  •  Мирна просторија, приватност, тишина и интимност која е неопходна за работа.

Facebook     Instagram