Јас сум Маријана Софронијоска Тинтар, лиценциран психолог и м-р по психолошки науки од областа на личност и советување. Додипломските и постдипломските студии ги завршив на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Сертифицирана сум и за професионално вршење на активности во областа на интегралната психодинамска психотерапија, за вршење на психодијагностички проценки на личност и за автоген тренинг и антистрес терапија.

Ако ме прашате зошто сум ја избрала психологијата како професија, ќе се обидам накратко да одговорам дека отсекогаш сум била фасцинирана од човековата личност, ме интересирало што нè поттикнува, што нè лекува, што нè поврзува? Разбирањето на психологијата не е само за решавање на проблемите - иако многумина мислат така.

Мојата улога како психолог и советник е да им помогнам на другите да се усогласат со својата вистина и да го пронајдат својот пат. Ова не е само работа, туку е дел од мене. Се фокусирам на силните страни на клиентите, на зајакнување, разбирање и водење на поцелосен живот. Секојдневно, се инспирирам од издржливоста и потенцијалот во секој од нас. Работам како психолог затоа што верувам во моќта на промената, растот, исцелувањето и во силата на човечкиот дух. Колку и да изгледа тешко, сите ние имаме капацитет да ги менуваме работите на подобро.

Во работата, создавам безбедна и поддржувачка средина, целосно се фокусирам на личноста на клиентот преку интегративен пристап со комбинирање на различни методи и техники кои би одговарале на потребите на секој клиент поединечно. Себеси се доживувам како активен и емпатичен слушател, се трудам да пронајдам креативни начини да ги предизвикам бариерите со кои се соочуваат клиентите на нивиот животен пат. Вистински верувам во поврзаноста помеѓу умот и телото.

Можете да ми се обратите преку порака доколку Ви е потребна психолошка поддршка. Низ образовниот процес, имам стекнато мошне практично искуство во здравствени и образовни центри, како и во центри за деца со посебни потреби. Сесиите се одржуваат Online.

Објавени трудови

  •  Софронијоска Тинтар, М., Цветковска, Ј., и Кирацовска, Г. (2021). Црти на личноста кај уметници и лица кои не се занимаваат со уметност. Меѓународен дијалог: Исток – Запад (Психологија и образование), 8(3), 177–185.
  •  Костевска, Д., и Софронијоска Тинтар, М. (2021). Намалување на степен на вулнерабилност кај жени затворенички. Охрид: Здружение за поддршка на идентификувани и потенцијални ранливи групи Жртва.
  •  Костевска, Д., Софронијоска Тинтар, М., и Пурцов, К. (2022). Апликативни методи за превенција од виктимизација кај млади. Охрид: Здружение за поддршка на идентификувани и потенцијални ранливи групи Жртва.

Зошто да ме изберете мене за Ваш психолог?

Мојата работа се одликува со емпатичен и неосудувачки пристап. Ќе наидете на почит, разбирање и индивидуализирана поддршка, преку пристап што вам најмногу ви одговара, без разлика со што се соочувате.

Работата се темели на научно поткрепени методи кои ќе помогнат да се направат вистински и трајни промени, а сè се одвива во безбедна и доверлива средина. Можете слободно да зборувате и да ги изразите своите емоции, сè што се разговара на сесиите останува меѓу нас.

Ќе добиете поддршка за широк спектар на проблеми, како анксиозност, депресија, партнерски или семејни проблеми, ниска самодоверба итн. Сесиите се одржуваат online, а согласно потребите, може да закажете индивидуално или партнерско советување.


 

Предности од психолошкото советување


Како психолог, во работата се насочувам кон мислите, емоциите, и однесувањето кај клиентот. Психолошкото советување нуди безбеден простор за самоистражување и помага да се развијат стратегии за поефикасно справување со животните предизвици. Инвестирањето во менталната добросостојба е чекор кон поздрав и поисполнет живот. Целта на психолошкото советување е прифаќање на реалноста и насока кон промена што би овозможила отстранување на минливи проблеми. Средишниот предизвик во советувањето е чувството на немоќ, па задачата е ослободување на поединецот од страв и напнатост, овозможување на промена на ставовите, за да може да го промени однесувањето во однос на себеси и другите луѓе. Клиентот одлучува сам, бара и наоѓа целисходни форми за решавање на своите тешкотии. Основното средство во советувањето е употребата на зборови, а произлегува од сознанијата кои се значајни за ментално-хигиенските сфаќања, дека човекот има потреба од друг човек со кој би можел да разговара.


Предностите од психолошкото советување се:

Стресот не е секогаш гласен - често се крие во заморот, раздразливоста или мислите што не те оставаат на мира по цели ноќи. Постојат алатки и начини кои ќе ти помогнат да увидиш што се крие зад симптомите кои те мачат. Со нивна примена ќе ја подобриш функционалноста и ќе го вратиш сопствениот баланс. Малку по малку, ќе се чувствуваш полесно!

Семејството може да биде извор на љубов, но и на болка. Никогаш не е доцна да разбереш во каква семејна динамика се наоѓаш, да научиш да поставиш граници и да пронајдеш мир, дури и кога другите не се менуваат.

Големите промени го раздрмуваат личниот идентитет. Тежината која ја носиш кога оставаш нешто зад себе се чини потешка од сѐ што те чека во иднина. Кога сè што е познато се менува (саканата личност си заминува или се напушта долгогодишно работно место), дури и најприземјената личност се чувствува изгубено и се сомнева во својот идентитет. Во советувачкиот процес, ќе добиеш алатки за да се стабилизираш, да ја разбереш промената и да продолжиш напред без да се изгубиш по патот.

Не мора сам/а да поминуваш низ сè, дозволи си поддршка! Преку пристап кој ти одговара, третманот може да ги намали симптомите, да ти помогне да се ослободиш да кажеш што чувствуваш, да ти понуди јасност, да ти помогне подобро да функционираш и да живееш полесно, со помалку товар и повеќе разбирање за себеси.

Ти се случило ли некогаш да си кажеш дека е во ред што си згрешил/а? Или почесто се фаќаш себеси како се навредуваш и си упатуваш остри зборови? Внатрешниот глас и начинот на кој разговараш со себе имаат далеку поголемо влијание отколку што мислиш. Секому му е потребен простор и поддршка да почне да го истражува тој глас и полека, со нежност, да го менува.

Емоциите можат да те преоптоварат ако никогаш не си научил/а да им погледнеш в очи, да ги препознаеш и именуваш, да разбереш зошто се тука и да не се осудуваш за тоа што постојат. Понекогаш, најдобриот лек за сè е да бидеш слушнат/а. Во советувачкиот процес твоите чувства се сфаќаат сериозно, тука не мора да се правдаш, да се извинуваш и да се срамиш од нив. Таквата поддршка може да промени сè.

Многупати повторуваш некои однесувања не затоа што сакаш, туку затоа што не знаеш како да престанеш. Советувањето ќе ти помогне да ги идентификуваш овие циклуси и да научиш како да промениш нешто.

Добро е да знаеш дека злоупотребата на супстанции е начин за справување со нешто подлабоко. Заслужуваш живот на кој не му е потребен таков вид бегство.

Способноста јасно и смирено да се изразиш не е нешто со кое се раѓаш, а избегнувањето на конфликтите само ги складира проблемите за подоцна во животот. И двете се вештини кои можеш да ги научиш.

Умот и телото се длабоко поврзани. Работејќи на менталните потешкотии, ќе забележиш и физички промени - подобар сон, повеќе енергија, помалку главоболки и сл. Исцелувањето не се случува еднострано. Умот и телото се силно поврзани. Сè што се случува во менталниот простор остава траги и во физичкиот.

Не може да се промени она што не е видливо. Понекогаш околината не е онаа што те спречува – туку некаква шема која сè уште не си ja видел/а и сфатил/а дека ја повторуваш. Самосвесноста не е само поглед навнатре, туку е храброст да се биде искрен со себе, дури и во непријатни моменти. Тогаш започнува вистинскиот раст.

Лутината често ги маскира болката, стравот, беспомошноста и многу други емоции. Во многу случаи е неизбежна кога нашите животи се состојат од попуштање, од преземање одговорност за чувствата и реакциите на другите луѓе по цена на откажување од сопствената одговорност за квалитетот на сопствениот живот и сл.

Што ја поттикнува лутината кај тебе, како да ја изразиш без да си наштетиш себеси или на другите?

Тешко е да се напредува кога умот е во преживувачки режим. Ако секојдневното функционирање ти е отежнато, не значи дека си мрзлив/а, или немотивиран/а, туку уморен/а од носење премногу работи предолго. Постои верзија од тебе која е пофокусирана, поприземјена, поконтролирана - и не е далеку, можеш да ја пронајдеш.

Не треба да бидеш совршен/а за да бидеш сакан/а и виден/а. Во моментот кога ќе ги разбереш твоите емоции, кога ќе престанеш да се криеш од себеси и ќе се поврзеш со твојата автентичност, се менува и начинот на кој се појавуваш пред останатите. Колку повеќе ја подобруваш врската со себеси, толку повеќе ги подобруваш и продлабочуваш врските и со другите.

Негативните однесувања обично произлегуваат од неисполнети потреби или нерешени проблеми. Советувањето помага да се открие коренот и нуди насоки за правење поздрави избори.

Facebook     Instagram