Online психолошко советување
07-мај-2025 во 20:32Online терапијата се однесува на психотерапија или психолошко советување преку интернет. За разлика од терапијата во живо, Online терапијата овозможува поврзување со лиценциран психолог или психотерапевт/советник од удобноста на домот користејќи уред што има интернет конекција (компјутер, таблет или паметен телефон).
Термини што често се користат наизменично со онлајн терапијата се телетерапија или е-терапија. Истражувањата покажуваат дека Online терапијата може да биде подеднакво ефикасна како и терапијата во живо за различни психички состојби (Pescatello et al., 2020). Online терапијата нуди предност за сите кои имаат потреба за поголема достапност на психолошките услуги, живеат во помали места каде што психолошката поддршка е ограничена, или живеат во странство каде што неможат да пронајдат психолог заради јазичните и културните бариери. Значи, е-терапијата е добра опција за оддалечени области.
Овие поединци немаат пристап до никаква друга форма на третман за менталното здравје бидејќи во нивната област има малку или воопшто нема практики за ментално здравје; примораноста да се вози на долги растојанија и да се одвои значително време од секојдневието за да се одржи терапија во живо може да биде дополнителен товар за луѓето на кои им е потребна помош, без разлика дали живеат во мала или оддалечена област, или живеат во странство. Следствено, Online терапијата овозможува релативно брз и лесен пристап до разговор со стручно лице кој не би бил достапен во спротивно. За многумина овој начин на работа овозможува поголема отвореност во изразувањето на искреност и ранливост.
Понатаму, Online терапијата е пристапна за поединци со физички ограничувања, поединци со попреченост или поединци кои се врзани за домот. Така, за луѓето кои не се во можност да го напуштат својот дом од различни причини, Online терапијата е корисна алтернатива. Исто така е прилично прифатлива и практична затоа што сесиите можат да се закажат во термини кои се најпогодни за клиентите. Помага да се разбие стигмата што сè уште кружи околу менталното здравје. Клиентите не мора да се грижат дека ќе бидат видени како влегуваат во ординацијата на психологот или да објаснуваат зошто зеле слободно време во работен ден. Нуди приватност, удобност и флексибилност, што го олеснува преземањето на првиот чекор.
Важно е да се нагласи, дека не е потребна дијагноза за да се контактира со стручно лице. Најчесто, разговорот со стручно лице носи јасност, олеснување и поддршка тогаш кога е најпотребно, а Online терапијата го прави започнувањето на тоа патување полесно од кога и да било.
Пред да започнете да работите со психолог преку Интернет, проверете дали имате сè од неопходното:
• Лаптоп, компјутер или телефон кој има камера и микрофон,
• Квалитетна интернет конекција која може да поддржи видео повик,
• Мирна просторија, приватност, тишина и интимност која е неопходна за работа.
Pescatello, M. S., Pedersen, T. R., & Baldwin, S. A. (2020). Treatment engagement and effectiveness of an internet-delivered cognitive behavioral therapy program at a university counseling center. Psychotherapy Research, 31(5), 656–667. https://doi.org/10.1080/10503307.2020.1822559