Автоген тренинг и антистрес терапија

Автоген тренинг и антистрес терапија

Автогениот тренинг е техника за релаксација која ја користи моќта на умот за да помогне во смирувањето и опуштањето на телото. Терминот „автоген“ означува нешто што произлегува одвнатре. Автогениот тренинг често е вклучен во редовниот психолошки третман, но може да се користи и како техника за самопомош. Вклучува повторување на специфични фрази кои помагаат да се создадат смирувачки сензации и се фокусираат на различни делови од телото, како што се чувство на тежина и топлина во мускулите, смирување на дишењето, забавување на отчукувањата на срцето и сл. Преку овој процес, се индуцира позитивен ефект врз автономниот нервен систем.

Иако автогениот тренинг е помалку познат од другите техники за релаксација како што се прогресивната мускулна релаксација и водената имагинација, истражувањата сугерираат дека автогениот тренинг е ефикасен во третманот на анксиозноста (Stetter & Kupper, 2002). Исто така, автогениот тренинг е корисен за ублажување на симптомите на стрес, анксиозност (социјална анксиозност), главоболки, висок крвен притисок, астма, необјаснета болка, несоница, депресија, синдром на иритабилни црева и др. Според Рамирез-Гарсиа и сор. (Ramirez-Garcia et al., 2020) се чини дека автогениот тренинг е ветувачка терапија во подобрувањето на добросостојбата кај лица со хронични здравствени проблеми. Други ефекти на автогениот тренинг вклучуваат (Breznoscakova et al., 2023): помалку негативни чувства, намалена чувствителност на стрес, подобро расположение, зголемено внимание, подобра емоционална регулација и намалување на депресивните симптоми.

Воопштено, автогениот тренинг е безбедна техника за релаксација, но, не значи дека е нужно правилна за секого (на пр: кај поединци со психотични нарушувања). Иако е техника која може да се користи за самопомош, важно е да се нагласи дека се препорачува водење од обучено стручно лице. Автогениот тренинг не треба да ги заменува другите форми на советување и терапија и/или лекови кои се препорачани од страна на доктор. При правилно изведување, може да ја поддржи ефикасноста на препорачаните третмани.

Breznoscakova, D., Kovanicova, M., Sedlakova, E., & Pallayova, M. (2023). Autogenic Training in Mental Disorders: What Can We Expect?. International journal of environmental research and public health, 20(5), 4344. https://doi.org/10.3390/ijerph20054344

Ramirez-Garcia, M. P., Leclerc-Loiselle, J., Genest, C., Lussier, R., & Dehghan, G. (2020). Effectiveness of autogenic training on psychological well-being and quality of life in adults living with chronic physical health problems: a protocol for a systematic review of RCT. Systematic reviews, 9(1), 74. https://doi.org/10.1186/s13643-020-01336-3

Stetter, F., & Kupper, S. (2002). Autogenic training: a meta-analysis of clinical outcome studies. Applied psychophysiology and biofeedback, 27(1), 45–98. https://doi.org/10.1023/a:1014576505223

Facebook     Instagram