Анксиозност

Анксиозност

Една од најчестите секојдневни активности кај многумина е прекумерното размислување и анализирање за вообичаени работи или за работи кои треба да се случат. Прекумерното размислување, особено ако е негативно може да поттикне анксиозност и да создаде проблеми онаму каде што нема. Може да биде толку вознемирувачка, што најчесто се сфаќа како ментална болест или фаза пред полудување.

Анксиозноста не е болест, туку се дефинира како состојба која се карактеризира со ирационални и прекумерни чувства на вознемиреност, страв, напнатост, грижа, стрес и паника, како и лоши претчувства придружени со хиперактивност на вегетативниот нервен систем. Анксиозноста е многу непријатно и нејасно чувство, поврзано со едно или повеќе телесни искуства - грчење на мускулите, треперење, абдоминална болка, стегање во градите, палпитации, брзо дишење, главоболка и други. Анксиозноста до одреден степен може да биде искуство што секој човек го знае, а се однесува на неизвесноста насочена кон секојдневниот живот, ситуации или непријатности од соочување со тешка ситуација. Сепак, стравот и чувството на вознемиреност се пропратен дел од животот и многу е важно да се знае кога тие чувства се соодветни на ситуацијата а кога можат да се наречат анксиозност. Стравот е емоција која се појавува кога поединецот ќе процени дека се наоѓа во опасна ситуација (на пример: напад од друга особа), додека анксиозноста се појавува кога поединецот замислува или предвидува напад во иднина (на пример: можно е нешто лошо да ми се случи кога ќе излезам надвор од дома). Кога анксиозноста како пролонгирана сосотојба на несигурност и страв (произлезена од разни ирационални заканувачки очекувања) ќе почне сериозно да влијае врз секојдневното функционирање и квалитетот на животот, време е да се побара стручна помош.

„А што ако одејќи по улица ми се слоши? А што ако никогаш не успеам да го остварам она што го сакам? А што ако сите ми се смеат? Што ќе се случи тогаш?“

Вака изгледа анксиозноста. Појавата на анксиозноста се поврзува со генетски и биохемиски фактори, личноста и научените реакции. Може да биде предизвикана од стресни или фрустрирачки ситуации, да се случи како последица на животни настани како губење на работно место, болест, несреќен случај, смртен случај, раскинување или разведување со партнер и.т.н., а може да се научи и преку идентификација и имитација на анксиозни модели од родителите/околината. Впрочем, последното може да влијае врз се ова погоре наведено, бидејќи како ќе го прифатиме непријатниот настан зависи само од нас и од нашите реакции, верувања, навики и слично. Во продолжение ќе ќе биде прикажано како некои модели можат да се пренесат врз нас. Најчест начин на пренесување на некои модели кои ги учиме или трансгенерациски обрасци се наоѓа во примерите во кои се забележуваат исти професии кај родителите и децата во неколку генерации, како познати фамилии на музичари, на правници и.т.н.. Трансгенерациските пораки кои се пренесуваат преку обрасците се поврзани со животните уверувања и однесувања и несомнено се присутни во формирањето и развојот на личноста на секој поединец. Се разбира дека личноста и личносните црти се битни за тоа како ќе се сфати и доживее анксиозноста. Уверувања кои често се пренесуваат преку трансгенерациските пораки се недоверба во никого, зависност од други луѓе, злоупотреба (преистакнато попуштање во една или преистакната злоупотреба на други во друга крајност), ниска самодоверба и лоша слика за себе, емоционална депривација, ранливост, подредување на други и сл.

Следствено, доколку еден поединец добивал дисфункционални пораки, т.н. ќе биде програмиран да го повтори трансгенерацискиот образец во некоја животна ситуација: некој кој пораснал со образец на преголема заштита – станува премногу ранлив за да се соочи со суровоста на светот, и веројатно ќе се соочи со анксиозност придружена со мисли како: „Јас овде неможам да успеам, неможам да се пронајдам, никој не се грижи за мене, сам сум.“ и сл., 
На дневна основа низ нашата глава поминуваат многу мисли, а доколку најголемиот дел од нив се повторуваат и претставуваат когнитивна дисторзија и ако најголемиот дел од тие мисли е негативен, ние сме одличен кандидат за анксиозност. 

Суштински дел за разбирање на анксиозноста е да се сфати дека  анксиозноста може да исчезне. Првично, препорачливо е да се детектираат мислите кои се секојдневно присутни, пренесените пораки од предходните генерации, развиените стравови и сл. Понатаму, потребно е препознавање и именување на она што предизвикува проблем во самодовербата и себеценењето (самодоверба – уверување дека нешто можеме да направиме, а себеценењето доаѓа токму кога тоа нешто и навистина ќе го направиме).  Подобрувајќи ги самодовербата и себеценењето ја менуваме и сликата за себе на подобро. Детектирајќи и менувајќи ги деструктивните мисли може да се дојде до ослободување од анксиозноста. 

Се разбира дека тоа е тежок и макотрпен процес. За полесно совладување на состојбата се препорачуваат психотерапии кои имаат за цел да го изменат начинот на размислување и однесување, како и уверувањата кои можат да предизвикаат анксиозност; да помогнат во стекнување на стратегии за справување со анксиозноста како и да се научат техники за релаксирање; да помогнат во постепено изложување на ситуации кои ја предизвикуваат анксиозноста. Доколку е потребно се препорачува анксиозното лице да се консултира и со психијатар кој може да препорача лекарства кои ќе помогнат во контролирањето на симптомите на анксиозноста.

Facebook     Instagram