Индивидуално психолошко советување

Индивидуално психолошко советување

Индивидуалното психолошко советување е персонализиран, индивидуален третман за менталното здравје создаден да ги поддржи поединците во справувањето со емоционални, психолошки или бихејвиорални предизвици. Помага во справување со многу лични животни теми, како што се лутина, депресија, анксиозност, злоупотреба на супстанции, предизвици во бракот и врските, проблеми со родителите, тешкотии во учењето, проблеми поврзани со кариерата итн.

Индивидуалното советување е процес во кој клиентите работат еден на еден со лиценциран психолог во безбедна, грижлива и доверлива средина. Советувањето им овозможува на поединците да ги истражат своите мисли, чувства, верувања и однесувања, да ги идентификуваат аспектите од својот живот што би сакале да ги променат, подобро да се разберат себеси и другите, да постават лични цели и да целат кон посакуваната промена. Воопштено, целта е да се разговара за проблемите со менталното здравје, да им се помогне на клиентите да заздрават и да се движат кон психолошки здрав живот. Специфичните цели за советувањето заеднички ги одредуваат клиентот и психологот. 

Разговорот со психолог се разликува од разговор со пријател или член на семејството. Психолозите се обучени да сочувствуваат со искуството на клиентите без да се чувствуваат преоптоварени. Не избегнуваат разговор на непријатени теми, не го омаловажуваат проблемот со кој поединецот се јавува. Активно и посветено слушаат и присутни се во текот на целиот разговор. Пријателите честопати можат да го кажат она што поединецот сака да го слушне, додека психолозите ќе ги постават вистинските прашања кои иако можат да се чинат непријатни, имаат цел да ја поттикнат љубопитноста за трагање и преиспитување на сопствените верувања и однесувања. Психолозите се обучени да помогнат во пронаоѓањето на внатрешните силни страни, идентификувајќи ги основните карактеристики што на крајот ќе доведат до промена. Често, развиваат интуиција за „позадината“, слушајќи ги проблемите што ги презентира клиентот, а истовремено фокусирајќи се на неговите подлабоки борби, како и на неговите силни страни.

Исто така, разговорот со психолог се разликува од техниките за самопомош. Точно е дека самопомошта и грижата за себе имаат позитивно влијание врз подобрувањето на менталното здравје, но магијата на терапевтскиот процес се јавува благодарение на човечката поврзаност. Психологот дава насока за барање на одговорите во себе, додека книгите за самопомош и/или веб-страниците за психовелнес не можат секогаш да ги одгатнат. 

Индивидуалнoто советување се фокусира на личните цели на поединецот, како на пример:

„Сакам да се чувствувам подобро во врска со себе.“
„Сакам да прекинам да ги правам истите грешки.“
„Сакам да се чувствувам помалку депресивно или анксиозно.“
„Сакам да научам да се справувам со стресот.“
„Сакам да ја најдам смислата во мојот живот.“

Индивидуалните сесии вообичаено траат 50 минути, а се одржуваат еднаш неделно, освен ако клиентот и психологот проценат дека е потребно почесто среќавање. Времетраењето во голема мера зависи од потребите на клиентот, целите на третманот и напредокот. Многу проблеми лесно се решаваат со краткорочно советување, а други хронични или посложени проблеми бараат долгорочна посветеност и психотерапија пред да се постигне подобрување. Од суштинско значење е да се почитува закажаниот термин и клиентот да се вклучи навреме. Плаќањето на сесиите се реализира однапред. Секоја откажана сесија непосредно пред нејзино реализирање се наплаќа целосно. За презакажување и ненаплаќање на сесии, потребно е да се испрати известување до психологот најмалку 24 часа пред закажаната сесија. 

Facebook     Instagram