Партнерско психолошко советување

Партнерско психолошко советување

Партнерското советување може да им помогне на партнерите да ја подобрат својата врска. Без оглед, дали целта е обнова на врската, преземање на превентивни мерки за заштита на врската и сл., советувањето е корисно во која било фаза на врска или брак. Партнерското советување се занимава со широк спектар на проблеми, вклучувајќи повторувачки конфликти, чувства на неповрзаност, афера, сексуални проблеми, љубомора итн. Помага во зголемување на разбирањето, почитта, наклонетоста и интимноста помеѓу партнерите.

Во текот на партнерското советување, партнерите учат да изградат меѓусебна поврзаност. Психологот ги запознава обата партнера, поттикнувајќи ги и помагајќи им подобро да се разберат и себеси и меѓусебно. Насочени се кон идентификување на емоциите учејќи отворено да ги препознаат и изразат чувствата, како и кон истражување на минатите искуства, што помага да се откријат стравовите и обрасците што влијаат на сегашниот начин на функционирање во врската. Советувањето помага во решавање на партнерските конфликти, во промена на негативните обрасци и во истакнување на силните страни на врската. Паровите учат алатки за управување со гнев, за трансформација на конфликти со цел ефикасно справување со идните предизвици.

Понатаму, партнерското советување може да помогне во: разбирањето и подобрувањето на улогите што секој партнер ги игра, како и во усогласување на очекувањата од двете страни; во разбирање на меѓусебните вредности, верувања и религиозни погледи и како тие влијаат на секојдневниот живот; во подобрување на комуникацијата и транспарентноста околу финансиите и навиките за трошење; разбирање на плановите за создавање на семејство, ставови околу родителството и предизвици како што се неплодност или посвојување; во справување со тензиите со членовите на поширокото семејство, како што се родителите или браќата и сестрите; во решавањето на сексуалните проблеми, сексуалните нагони, изневерување; во справување со напнатоста во врската што може да произлезе од проблеми со физичкото или менталното здравје; во справување со надворешни притисоци - како што е работата и конфликти кои може да произлезат од работата.

Треба да се земе предвид, дека партнерското советување бара учество од обата партнери. Меѓутоа, доколку еден од партнерите не е отворен за тоа, другиот партнер може и сам да оди на партнерско советување, со цел подобро да ја разбере врската и да истражи како и дали може да ја подобри. Ако советувањето се спроведува заеднички, може да се открие дека еден или двајцата од партнерите имаат потреба од индивидуално советување со цел подобро справување со личните проблеми. Ако се увиди дека партнерите се справуваат и со други проблеми, како на пример злоупотреба на супстанции, може да им биде предложена инаква терапија и консултација со друго стручно лице.

Доколку сметате дека вашата врска би имала корист од партнерско советување, разговарајте со партнерот и видете дали е отворен за истото. Доколку се спротивставува, објаснете зошто тоа е важно за вас и како мислите дека би придонело во врската. Пронајдете психолог и договорете се со партнерот во кој период од неделата сте слободни двајцата.

Facebook     Instagram