Психодијагностичка проценка на личност
09-мај-2025 во 14:55Психодијагностичката проценка е научно заснован процес меѓу психологот и клиентот, што се користи за проценка на специфични области на психолошкото функционирање, особините на личноста, емоционалните состојби, когнитивните способности и други релевантни аспекти на менталното здравје. Проценката нуди вредни сознанија што ја поддржуваат точната дијагноза, ефикасното планирање на третманот и личниот развој.
Тестирањето се состои од интервју, земање анамнеза, стандардизирани тестови за интелектуални способности, тестови за личност и проективни техники. За време на тестовниот процес се води пријатен разговор со психологот кој ги води и фокусира клиентите на причините за доаѓање на психолошката проценка.
Тестовите за интелектуални способности даваат увид во развојот на когнитивните функции, како што се меморијата, размислувањето, вниманието, перцепцијата и други. Покрај коефициентот на интелигенција, ја одразуваат и психолошката состојба на поединецот, давајќи им увид на стручните лица кон областите во кои се јавуваат тешкотии.
Тестовите за личност даваат увид во емоционалната состојба на клиентот, како во дадениот момент, така и во периодот пред тестирањето, односно се добива слика за структурата на личноста. Доколку постои било каква симптоматологија, таа ќе се открие на овој начин.
Проективните техники се користат за изразување на сите оние несвесни содржини што се присутни кај секој од нас. Тие претставуваат поглед во внатрешниот свет на една личност. Тие се многу корисни за откривање на постоење на разни симптоми или трауматски искуства.
Накратко, од психолошката проценка на личноста се добива:
- опис на особата;
- идентификување на особините на личноста;
- одбранбени механизми;
- евалуација на когнитивните способности (интелигенција, внимание, меморија);
- несвесни механизми;
- влијание на рани искуства;
- разјаснување на емоционални или бихејвиорални тешкотии;
- препорака за третман.
Психолошката проценка на личноста помага во откривање и разбирање на психолошките аспекти и овозможува поставување на дијагноза со цел планирање на понатамошен третман. Доколку сметате дека Ви е потребна ваква услуга со цел добивање увид и разбирање на вашата психичка состојба, контактирајте ме.
Сите проценки се спроведуваат професионално, доверливо, посветено и согласно психолошките етички стандарди. Наодите се објаснуваат на јасен и разбирлив начин, придружени со препораки за понатамошни чекори или поддршка доколку е потребно. На крајот на текстот, неопходно е да се истакне дека психолошка проценка на личноста има право да спроведува само дипломиран и лиценциран психолог!