Зошто ме привлекува партнер кој ме отфрла?
06-фев-2026 во 17:48Ако дојдовте да го прочитате текстов повикани од инстаграм објавата, можеби веќе ви се врти прашањето в глава „Каков стил на приврзаност имам јас? Дали имам анксиозна или избегнувачка приврзаност?“
Можат ли анксиозно-избегнувачките врски да функционираат и можат ли да бидат здрави и задоволувачки?
Психолозите се навикнати често да гледаат вакви односи во своите канцеларии, а наједноставно кажано овие врски обично изгледаат вака: еден партнер кој сака сѐ повеќе и повеќе време минато заедно, емоционална интимност, поголема посветеност, повеќе наклонетост итн. и друг партнер кој воопшто не се чувствува така. Додека анксиозниот партнер сака да го привлече партнерот кој избегнува, избегнувачкиот партнер копнее по слобода и простор. Кога луѓето ќе заглават на некоја страна од циклусот на анксиозно-избегнувачките врски, често го обвинуваат партнерот дека тој е изворот на проблемите во врската. Но, моделите на приврзаност се стари и длабоки, односно несвесни избори. Ако партнерите посветат време да се разберат себеси и меѓусебно, и ако се обидат да го искористат тоа разбирање за сопствените тенденции на приврзаност, можат да создадат вистинска промена во себе и во нивната врска.
Иако партнерот се бира според различни лични преференции, како и од неговите/нејзините квалитети, се чини дека овој избор се сведува и на еден дел на кој неможе свесно да се влијае – стилот на приврзаност кој го развиваме уште во детството. Во зависност од квалитетот на односот со родителите, грижата и нежноста, како и од тоа како родителите ги препознаваат и реагираат на сигналите на детето, таков стил на приврзаност ќе се развие кај детето – сигурен или несигурен. Системот на приврзаност функционира низ целиот живот, а стилот на приврзаност од детството ја структурира зрелата интеракција во врските. Раното детство ја поставува основата за приврзаноста, која влијае на развојот на обрасците и прилагодувањето во подоцнежниот живот. Многу истражувања даваат силни аргументи дека истите базични шеми се јавуваат (повторуваат) низ целиот животен век.
Постојат четири основни стилови на приврзаност во романтичните врски и никој не го отелотворува совршено еден или друг стил. Може да бидете анксиозно приврзани во некои врски (кога сте во врска со партнер кој има склоност да избегнува), додека во други врски може да се чувствувате прилично сигурно.
Сигурен стил на приврзаност: Поединците со сигурен стил на приврзаност лесно им веруваат на другите луѓе, имаат т.н. залиха од здрава самољубов во себе што им помага да се чувствуваат дека се во ред - не совршени, но достојни за љубов и почит од другите како и секој друг. Сигурно приврзаните се чувствуваат удобно кога се емоционално блиски со некој, но исто така не чувствуваат вознемиреност кога на партнерот му е потребен простор. Имаат тенденција релативно лесно да се смират во посветени и стабилни врски.
Анксиозен стил на приврзаност: Поединците со анксиозен стил на приврзаност не се сигурни дека се добри. Постојано се борат со чувства на несоодветност и се грижат дека нивниот партнер не е целосно вложен во врската. Имаат проблеми со довербата, страв од напуштање или високо изразена љубомора. Имаат тенденција да бидат многу поврзани со партнерот, имаат потреба партнерот постојано да ги уверува дека е сѐ во ред, дека ја заслужуваат љубовта, што не е нужно лошо, но може да биде премногу за некои луѓе (особено за оние со избегнувачки стил на приврзаност).
Избегнувачки стил на приврзаност: Поединците со избегнувачки стил на приврзаност се чувствуваат добро во себе, барем на свесно ниво, но не се толку сигурни за другите. Поединецот се доживува како самодоволен и компетентен, не верува дека другите се стабилни, достапни, доверливи или вредни за формирање на блиска врска и подлабок однос. Чувствуваат непријатност од премногу близок контакт, отпор кон отварање и склоност да ја минимизираат важноста на романтичната врска Бараат знаци дека партнерот е љубител на контрола кој сака да им ја одземе слободата. Блискоста дури може и да предизвика чувство на гадење што ги тера да се оддалечат. Имаат историја на краткорочни врски и честопати веруваат дека тоа е така затоа што сè уште не ја запознале вистинската личност.
Неорганизиран стил на приврзаност: Овој стил на приврзаност е најреткиот стил и е поврзан со потешки форми на занемарување или злоупотреба во детството. Луѓето со неорганизирани стилови на приврзаност сакаат да бидат сакани од една страна, но се плашат да му дозволат на некој да влезе во врска со нив од друга страна. Тие често имаат турбулентни врски со многу конфликти и чести раскинувања.
И покрај тоа што во литературата се среќаваат четири стилови на приврзаност, многу психометриски анализи и истражувања покажале дека индивидуалните разлики во партнерската приврзаност најдобро се опишуваат преку две континуирани димензии: анксиозност и избегнување. Анксиозната приврзаност го одразува степенот на загриженост дека партнерот нема да биде достапен тогаш кога ќе биде потребен, стравот од напуштање и тенденцијата за постојано преиспитување на сопствената вредност. Избегнувачката приврзаност го одразува степенот на недоверба во партнерот, непријатноста да се биде интимен и во зависен однос, и тенденцијата да се одржува емоционална дистанца и независност дури и во близок однос. Поединците со ниски резултати и на двете димензии се сметаат за сигурно приврзани, додека различни комбинации на висока анксиозност и/или високо избегнување кореспондираат со различни форми на несигурна приврзаност опишани во категориските модели.
Зошто поединците со анксиозен стил на приврзаност се привлечени од оние со избегнувачки стил на приврзаност и обратно?
Анксиозните и избегнувачките стилови на приврзаност честопати се спојуваат, иако заедно создаваат тешки шеми. Зошто е тоа така? Наједноставно, заради динамиката што започнала во раното детство. Стилот на приврзаност е формиран врз основа на квалитетот на приврзаноста што некој ја имал со родителите додека бил дете. Луѓето кои ги доживеале своите родители како критични, несигурни или едноставно не биле целосно емоционално присутни, честопати развиваат анксиозен стил на приврзаност.
Анксиозно приврзаните луѓе длабоко во себе веруваат дека љубовта е нешто што мора да се заработи. Ако се доволно добри, доволно привлечни, доволно интересни или доволно успешни, тогаш конечно ќе бидат достојни за љубов и почит, според нивното потсвесно програмирање. Исто како што некогаш многу се труделе за да ја заработат љубовта и одобрувањето и вниманието од родителите кои не биле секогаш емоционално достапни, сега, возрасните со анксиозен стил на приврзаност честопати ги гледаат отфрлачките одговори што ги добиваат од романтичните партнери како одраз на сопствената вредност. Овој начин на размислување ги зголемува влоговите во врските и ги наведува да бидат во постојана потрага по знаци на отфрлање или напуштање (затоа што тоа е нивниот познат модел).
Кога некој со анксиозен стил на приврзаност ќе сретне некој со избегнувачки стил на приврзаност, хемијата во раната врска може да биде интензивна.
Избегнувачкиот партнер може да изгледа неверојатно привлечен. Овие луѓе честопати се успешни на некој начин, бидејќи на располагање имаат многу време и енергија што не ги трошат во интимните врски. Тие се забавни, шармантни и самоуверени на состаноците, особено во раните фази, додека врската е сè уште нова. Имаат тенденција да бидат порезервирани, што го предизвикува познатиот нагон кај анксиозниот партнер да работи понапорно за нивното внимание. И избегнувачкиот партнер се чувствува возбуден за анксиозниот партнер, барем на почетокот. Избегнувачкиот партнер го носи овој наратив некаде во потсвеста: „Некаде таму постои совршен партнер кој ќе биде доволно добар за мене, јас само сè уште не сум го нашол, но откако ќе го најдам, конечно ќе ги задоволам моите потреби и начинот на кој се чувствувам во врските ќе биде сосема поинаков.“
Бидејќи анксиозниот партнер има тенденција пламнато да влегува во нови врски, вложувајќи многу труд за да докаже колку е одличен, избегнувачкиот партнер на почетокот се чувствува импресиониран од нив. Можеби ова е совршената личност што ја чекал толку долго! Но, оваа возбуда не трае долго. Како што партнерите се зближуваат, избегнувачкиот партнер почнува да чувствува дека анксиозниот партнер е всушност доста несигурен и гладен за негова валидација. Овој увид создава емоционална дистанца кај избегнувачки приврзаниот партнер.
Како изгледа циклусот на анксиозно-избегнувачката врска?
Кога возбудата од запознавањето ќе ѝ отстапи место на реалноста со несовршено човечко суштество, избегнувачки приврзаниот партнер ќе почне да се оддалечува. Кај овие луѓе се развива непријатно чувство кога ќе видат колку анксиозниот партнер има потреба од нив и сака да се потпре на нив, а нивната природна склоност е да бараат простор. Тие можат да развијат негативни наративи за својот партнер за да ги објаснат чувствата што ги имаат како реакција на интимноста: „Таа/тој ме задушува; ме прогонува; не ми остава простор да дишам, ме загрозува; е како дупка без дно што сака да ме проголта цел/а; мислев дека е одличен/а, но всушност ме иритира и не сакам да бидам близок со неа/него.“
Секако, лицата со избегнувачки стил на приврзаност не се целосно свесни од каде доаѓа сето ова. Тие само знаат дека нивниот партнер одеднаш станува премногу и сакаат да избегаат, но не премногу далеку. Откако ќе си земат малку простор и ќе се одморат, нивните чувства кон партнерот ќе почнат повторно да се појавуваат и ќе почувствуваат желба повторно да се поврзат. Тие веројатно нема да разберат што се случило во нив (честопати имаат проблеми со освестувањето на сопствените чувства), а камоли како да комуницираат за тоа со својот партнер. Ова е чест образец во ваквите врски, повлекување (снемување на одреден период) и повторно враќање – амбиваленција.
Ова повлекување го прави анксиозниот партнер да се чувствува претерано загрижен. Тие прилично се грижат за своите врски без оглед на тоа како се однесува нивниот партнер, па кога партнерот се оддалечува, тоа го потврдува нивниот најлош страв, дека се во опасност да бидат напуштени. Како одговор, анксиозниот партнер честопати ќе ги засили своите барања за поврзување и уверување. На пример, може да испрати неколку текстуални пораки по ред и покрај тоа што не добива никаков одговор, или да започне расправија со партнерот за да добие потврда дека всушност тој се грижи за нив (ако им врати одговор).
И потоа циклусот продолжува. Колку е поупорен анксиозниот партнер, толку попреоптоварен се чувствува избегнувачкиот партнер. Анксиозниот партнер не знае како да комуницира со некој што го избегнува. Избегнувачкиот партнер не разбира зошто анксиозниот партнер е секогаш толку вознемирен. Партнерот што избегнува се оддалечува повеќе, предизвикувајќи го анксиозниот партнер да го гони, а овој пак предизвикува поголемо дистанцирање од партнерот што избегнува, и така натаму. Ова може да се претвори во интензивен модел на „гонење-повлекување“ што е лош знак за долговечноста на врските. Начинот да се спречи циклусот е двајцата партнери да ја зголемат својата свест за тоа како се чувствуваат, како се однесуваат во нивната врска и како нивните сопствени постапки ги предизвикуваат реакциите што ги добиваат од нивниот партнер.