Индивидуално психолошко советување

Индивидуално психолошко советување

Индивидуалното психолошко советување е персонализиран третман за менталното здравје кој помага во справувањето со лични животни теми, како и одредени состојби и/или психички нарушувања како депресија, анксиозност, предизвици во бракот и врските, проблеми со семејството, проблеми поврзани со кариерата, тешкотии во учењето итн.

Советувањето е процес во кој клиентите работат еден на еден со лиценциран психолог во безбедна, грижлива и доверлива средина. Советувањето им помага на клиентите да ги истражат мислите, чувствата, верувањата и однесувањата, да ги идентификуваат аспектите од својот живот кои сакаат да ги променат, подобро да се разберат себеси и другите, да постават лични цели и да целат кон посакуваната промена. Воопштено, целта на советувањето е да се разговара за проблемите поврзани со менталното здравје, да им се помогне на клиентите да заздрават и да се движат кон психолошки здрав живот. Специфичните цели за советувањето се поставуваат заеднички на почетокот на процесот.
 
Разговорот со психолог се разликува од разговор со пријател или член на семејството. Психологот е обучен да сочувствува со искуството на клиентот без да се чувствува преоптоварен. Не избегнува разговор на непријатни теми, не го омаловажува проблемот, активно и посветено слуша и присутен е во текот на целиот разговор. Пријателите честопати го кажуваат она што поединецот сака да го слушне, додека психологот ги поставува вистинските прашања кои иако можат да се чинат непријатни, имаат за цел да ја поттикнат љубопитноста за трагање и преиспитување кај клиентот. Психологот често развива интуиција за „позадината“ на проблемите што ги презентира клиентот, фокусирајќи се на неговите подлабоки борби, но и на пронаоѓањето на внатрешните силни страни што на крајот ќе доведат до промена.

Исто така, разговорот со психолог се разликува од техниките за самопомош. Точно е дека самопомошта и грижата за себе имаат позитивно влијание врз подобрувањето на менталното здравје, но магијата на терапевтскиот процес се јавува благодарение на човечката поврзаност. Психологот дава насока за барање на одговорите во себе, додека книгите за самопомош и/или веб-страниците за психовелнес не можат секогаш да ги одгатнат.

Индивидуалнoто советување се фокусира на личните цели на поединецот, како на пример:

„Сакам да се чувствувам подобро во врска со себе.“
„Сакам да прекинам да ги правам истите грешки.“
„Сакам да се чувствувам помалку депресивно или анксиозно.“
„Сакам да научам да се справувам со стресот.“
„Сакам да ја најдам смислата во мојот живот.“

Индивидуалните сесии вообичаено траат 50 минути, а се одржуваат еднаш неделно, освен ако клиентот и психологот проценат дека е потребно почесто среќавање. Времетраењето во голема мера зависи од потребите на клиентот, целите на третманот и напредокот. Некои проблеми се решаваат со краткорочно советување, а други хронични или посложени проблеми бараат долгорочна посветеност и психотерапија пред да се постигне подобрување. Од суштинско значење е да се почитува закажаниот термин и клиентот да се појави (или вклучи за online сесија) навреме. Плаќањето на сесиите се реализира однапред. Секоја откажана сесија непосредно пред нејзино реализирање се наплаќа целосно. За презакажување и ненаплаќање на сесии, потребно е да се испрати известување до психологот најмалку 24 часа пред закажаната сесија.