Online психолошко советување

Online психолошко советување

Online терапијата се однесува на психотерапија или психолошко советување преку интернет. За разлика од терапијата во живо, Online терапијата овозможува поврзување со лиценциран психолог или психотерапевт/советник од удобноста на домот, користејќи уред што има интернет конекција (компјутер, таблет или телефон).

Истражувањата покажуваат дека Online терапијата може да биде подеднакво ефикасна како и терапијата во живо за различни психички состојби (Pescatello et al., 2020). Предноста е во поголемата достапност на психолошките услуги, особено за оние кои живеат во помали места со ограничена психолошка поддршка, или живеат во странство па пронаоѓањето на психолог е отежнато заради јазичните и културните бариери.
 
Многумина немаат пристап психолошки услуги ако во нивната област нема советувалишта, или има – но со малку стручни лица (па тешко се доаѓа до термин). Примораноста да се издвојува време и да се патува до друг град може да биде дополнителен товар за луѓето на кои им е потребна помош, без разлика дали живеат во мала и/или оддалечена област, или живеат во странство. Следствено, Online терапијата овозможува брз и лесен пристап до разговор со стручно лице кој не би бил достапен во спротивно.

Online терапијата е пристапна и за поединци со физички ограничувања, со попреченост или поединци кои не се во можност да го напуштат својот дом од различни причини. Во вакви случаи Online терапијата е корисна и прифатлива алтернатива, затоа што сесиите можат да се закажат во термини кои се најпогодни за клиентите. Дел од клиентите се загрижени околу стигмата што сè уште кружи околу менталното здравје, се грижат дека ќе бидат видени како влегуваат во советувалиштето на психологот и дека ќе бидат мета на оговарање, па во тој контекст Online терапијата нуди приватност, удобност и флексибилност, што го олеснува преземањето на првиот чекор. Не е потребна дијагноза за да се контактира со психолог. Разговорот носи јасност, олеснување и поддршка тогаш кога е најпотребно.

Пред да започнете да работите со психолог преку Интернет, проверете дали имате сè од неопходното:

•    Лаптоп, компјутер или телефон кој има камера и микрофон,
•    Квалитетна интернет конекција која може да поддржи видео повик,
•    Мирна просторија, приватност, тишина и интимност која е неопходна за работа.

Од суштинско значење е да се почитува закажаниот термин и клиентот да се вклучи навреме. Плаќањето на сесиите се реализира однапред. Секоја откажана сесија непосредно пред нејзино реализирање се наплаќа целосно. За презакажување и ненаплаќање на сесии, потребно е да се испрати известување до психологот најмалку 24 часа пред закажаната сесија. 

Pescatello, M. S., Pedersen, T. R., & Baldwin, S. A. (2020). Treatment engagement and effectiveness of an internet-delivered cognitive behavioral therapy program at a university counseling center. Psychotherapy Research, 31(5), 656–667. https://doi.org/10.1080/10503307.2020.1822559