Партнерско психолошко советување
05-фев-2026 во 20:40Партнерското советување може да им помогне на партнерите да го подобрат својот однос. Без оглед дали целта е обнова или преземање на превентивни мерки за заштита на односот, советувањето е корисно во која било фаза од врската или бракот. Партнерското советување се занимава со широк спектар на проблеми: повторувачки конфликти, чувства на неповрзаност, афера, сексуални проблеми, љубомора итн. Помага во зголемување на разбирањето, почитта, наклонетоста и интимноста помеѓу партнерите.
Во текот на советувањето, партнерите учат да изградат меѓусебна поврзаност. Психологот ги запознава партнерите, поттикнувајќи ги и помагајќи им подобро да се разберат и себеси и меѓусебно; ги насочува кон идентификување на емоциите, препознавање и изразување на чувствата, како и кон истражување на минатите искуства, што помага да се откријат стравовите и обрасците што влијаат врз сегашниот начин на функционирање во врската. Советувањето помага во решавање на партнерските конфликти, во промена на негативните обрасци и во истакнување на силните страни на врската.
Партнерското советување може да помогне во:
• разбирање и подобрување на улогите што секој партнер ги игра (во усогласување на очекувањата од двете страни);
• разбирање на меѓусебните вредности, верувања и религиозни погледи и како тие влијаат во секојдневниот живот;
• разбирање на плановите за создавање на семејство, ставови околу родителството и предизвици како што се неплодност или посвојување;
• справување со напнатоста во врската што може да произлезе од проблеми со физичкото или менталното здравје;
• справување со надворешни притисоци - како што е работата и конфликти кои може да произлезат од работата.
• справување со тензиите со членовите на поширокото семејство, како што се родителите или браќата и сестрите;
• решавање на сексуалните проблеми, сексуалните нагони, изневерување;
• подобрување на комуникацијата и транспарентноста околу финансиите и навиките за трошење.
Треба да се земе предвид, дека партнерското советување бара учество од двајцата партнери. Меѓутоа, доколку еден од партнерите не е отворен за тоа, другиот партнер може и сам да оди на партнерско советување, со цел подобро да ја разбере врската и да истражи како и дали може да ја подобри. Ако советувањето се спроведува заеднички, може да се открие дека еден или двајцата од партнерите имаат потреба од индивидуално советување со цел решавање на личните проблеми. Ако се увиди дека партнерите се справуваат и со други проблеми, како на пример злоупотреба на супстанции, може да им биде предложена инаква терапија и консултација со друго стручно лице.
Доколку сметате дека вашата врска би имала корист од партнерско советување, разговарајте со партнерот и видете дали е отворен за истото. Доколку се спротивставува, објаснете зошто тоа е важно за вас и како мислите дека би придонело во врската. Пронајдете психолог и договорете се со партнерот во кој период од неделата сте слободни двајцата.
Од суштинско значење е да се почитува закажаниот термин и клиентите да пристигнат навреме. Плаќањето на сесиите се реализира однапред. Секоја откажана сесија непосредно пред нејзино реализирање се наплаќа целосно. За презакажување и ненаплаќање на сесии, потребно е да се испрати известување до психологот најмалку 24 часа пред закажаната сесија.